Некој што го чува криминалот на власта, во случајов на СДСМ и ДУИ, на Ковачевски, на Заеви и на Оливер Спасовски, не може да биде ништо друго освен криминалец, обвини пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која беше разгледан и усвоен годишниот Извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2021 година, јави МИА.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески, во реплика рече дека тоа што Коцевски во својство на пратеник упатува отворена закана кон државниот јавен обвинител е причина за малата доверба во правосудството. Според него, ваквите закани и навреди претставуваат атак врз самостојноста и независноста на правосудните органи.
– Не се плашам. И покрај таа закана бидете спокојни, бидејќи мене ништо тоа не ми значи. Таа закана врз мене е закана и врз другите правосудни органи. Не можете така да се однесувате. Не може тоа ниво на комуникација да го симнете со јавен обвинител. Тоа повеќе говори за вас, отколку за моето вршење на функцијата. Јас во секој момент сум подготвен да преземам одговорност – рече Јовески.