Драган Даравелски бара повторување на судската постапка

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој вчера на „Табановце“ ѝ се предаде на македонската полиција, преку својот адвокат поднел барање за повторување на постапката, информираат од Основниот суд Скопје.

„До Основниот кривичен суд Скопје, доставено е барање за повторување на постапката на осуденото лице, од страна на неговиот бранител, со оглед да истиот бил суден во отсуство. Согласно барањето оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, се вели во соопштението на судот.

Advertisements

Во однос на можноста за застарување на делото на Даравелски, од Основниот кривичен суд Скопје посочуваат дека застарувањето на извршувањето треба да го утврди Основниот суд во Куманово, каде било неговото последно живеалиште, а за застарување на кривичното гонење надлежен е Основниот кривичен суд Скопје.

„Во однос шпекулациите кои се однесуваат на евентуалното застарување на извршувањето на санкцијата односно застарувањето на кривичниот прогон, ја известуваме јавноста дека застарувањето на извршувањет го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, односно Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка“, ја информираат јавноста од судот.

Даравелски во 2008 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години.

Се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци.

Името на Драган Даравелски може да се сретни и на официјалната веб страница на МВР за распишани потерници, односно потери, каде стои дека по него е распишана меѓународна потерница, по наредба на Основен суд Скопје за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 КЗ на РМ.