Мицкоски ја повика СДСМ на македонско национално единство за сите важни прашања

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната свеченост по повод 34 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ насловена „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ истакна дека подава рака кон СДСМ за дијалог за сите крупни прашања за државата.

„Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните“, посочи Мицкоски.

Advertisements

Претседателот Мицкоски повика на македонско национално единство за сите важни прашања за државата, но истакна дека тоа никако не треба да е разбрано за амнестирање од одговорноста за криминалите.

„Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина. Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонија“, дециден е Мицкоски.