„Не сум задоволен како игравме на двата натпревари, иако знаеме дека противниците се подобри од нас, изјави селекторот Кирил Лазаров по поразот на македонската репрезентација од селекцијата на Холандија.
Ракометната репрезентација на Македонија вечерва го претрпе и вториот пораз на СП 2023 во Краков, откако по неуспехот против Норвешка овој пат бевме декласирани од супер-брзата Холандија (24-34).
„Ја променивме генерацијата и стилот на игра, но ќе сториме што можеме да се мобилизираме и да се обидеме да ја победиме Аргентина. Мора многу да зборуваме каде грешиме, да одмориме и добро да се подготвиме за натпреварот против Аргентина. Дојдовме тука по една победа и уште веруваме во неа“, изјави Лазаров.
Лазаров вели дека мора да научиме многу од овој пораз. Холандија е поквалитетен противник од нас, но не за цели десет гола.
„Мора да играме поколективно, а не како што денес игравме. Во 43. минута беше -4, а во 55. минута веќе -10. Може да се победи против поквалитетен тим, но мора да се покаже карактер. Вечерва го немавме тој квалитет. Имаме добро, но млади ракометари кои првпат играат на ваков турнир. Тој недостаток се чувствува, рече Лазаров.