Американската амбасадорка на САД во земјава, Анџела Агелер, денеска потврди дека црната листа на САД во наредниот период ќе биде проширена со едно или две имиња од Македонија.
Против лицата кои ќе се најдат на црната листа предвидени се повеќе категории на санкции. Американската амбасадорка објасни дека има лица, како што рече, „што вреди да се разгледаат бидејќи системот во Вашингтон е законски внимателен, му треба време и истражување на наводните криминали за да се осигураме дека на листа нема да ставиме некој што таму не припаѓа“.
„Нема една листа, туку повеќе, односно повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Овие листи се многу динамични, бидејќи корупцијата во своите многубројни форми се случува секој ден. Тоа бара време и истражување, за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа, на која не припаѓа. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи“, изјави Агелер.
Амбасадорката додаде дека дел од санкциите се финансиски, додека дел се поврзни со визи и други правни механизми.
„Ние сакаме да бидеме партнери со земјава на начин на кој на граѓаните ќе им стане јасно дека овој систем постои за нив. За тоа ќе треба време, тоа не е нешто што еден компјутерски систем веднаш ќе го реши. Но, ова прашање е приоритет. Јас, за време на мојот амбасадорски мандат имам една цел – тоа е да се осигурам дека јас и мојот тим ќе направат се што можеме да ја зголемиме довербата на граѓаните на Северна Македонија во судството. Ако има начини тоа да го направиме, јас ќе сторам се што е во моја моќ тоа да се случи“, изјави амбасадорката на САД.