„Не е оправдано функционерите да бидат на товар на граѓаните“ – Деспотовски нема да бара апанажа

Jован Деспотовски, кој утрово поднел оставка од директорската позиција на ТИРЗ вели дека нема да бара апанажа затоа што смета дека функционерите што оставиле чист образ лесно може да се снајдат, пишува Макфакс.

„Навистина не мислам дека е оправдано пред граѓаните, носители на јавни функции, кои патем кажано извршуваа и одговорни позиции, да останат на товар на граѓаните. Ако навистина сите сме толку способни да извршуваме такви одговорни функции, тогаш навистина мислам дека можеме понатаму. Ако сме оставиле чист образ, ќе можеме да се снајдеме и да функционираме понатаму како и сите други“, рече Деспотовски и најави дека неговиот следен ангажман ќе биде целосно посветен на политиката и градењето на СДСМ во силна опозициска партија, која ќе биде контролор на власта.

Advertisements

Деспотовски е директор од крајот на 2020 година, период во кој смета дека ТИРЗ станал видлив, постигната е просечна плата од 43.000 денари, што е 13 % повеќе од просечната плата, отворени се многу нови работни места и почнати се проекти за кои се надева дека неговиот наследник ќе ги продолжи.