Носете маски и не излегувајте од дома! – препораки против екстремно лошиот воздух

Институтот за јавно здравје на својата интернет страница објави препорака за граѓаните на Берово, Гостивар и на Тетово да не излегуваат без потреба од дома затоа што воздухот таму е екстремно лош поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички.

„Според Европскиот Индекс за квалитет на воздух (Евроспка агенција за животна средина – ЕЕА), моменталниот Индекс за квалитет на воздух се категоризира како: екстремно лош (сиромашен)” на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово заради зголемени концентрации на PM2.5 честички. Како „многу лош” се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево заради заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Ѓорче Петров заради зголемени концентрации на PM2.5 честички. Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп како „лош” заради зголемените концентрации на  PM10 честички, додека во Кочани и Гевгелија заради зголемени концентрации на PM2.5 честички“, се вели во известувањето од ИЈЗ.

Advertisements

Институтот наведува и кои групи на население се најчуствителни на загадувањето:

„Деца помлади од 5 години, постари граѓани (над 65 годишна возраст особено), бремените жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик“.

Оттаму, заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички) кои во моментов драстично се зголемени, Институтот за јавно здравје препорачува:

За градовите со „Екстремно лош (сиромашен)” индекс на квалитет на воздух:

Останете дома ако не треба да излегувате.

Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото.

Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност.

Бремените жени треба да останат дома.

Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.

Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница.

Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација).

Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено.

Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено.

Ефектот е двоен, и како заштита од суспендираните (лебдечки) честички и од сезонските вируси (на грип, настинки, вклучително и SARS-CoV).

Не ги отворајте прозорците во вашиот дом.

Користете прочистувач на воздух без јонизатор (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени).

 

За градовите со „Лош” индекс на квалитет на воздух

Секој што чувствува непријатности како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото треба да размисли за намалување на активноста, особено на отворено.

Зајакнете го имунолошкиот систем. Конзумирајте здрава храна со многу овошје и зеленчук.

Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако не се чувствувате добро и искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот.

Останете дома ако не треба да излегувате. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, и возрасните со проблеми со срцето, треба да ја намалат напорната физичка активност, особено на отворено, а особено ако искусат симптоми.

Бремените жени треба да останат во затворен простор.

Луѓето со астма може да откријат дека треба почесто да ги користат нивните инхалатори.

Постарите луѓе исто така треба да го намалат физичкиот напор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.