Секој трет македонски граѓанин сака да се исели од државата – Детектор анкета

Секој трет човек во Македонија размислува да се исели од државата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 32,3% од анкетираните рекле дека размислуваат или некогаш размислувале да се иселат од државата додека 63,6% не размислувале на оваа тема.

Иако не се големи разликите, сепак изненадува фактот што за иселување најмногу размислуваат луѓето меѓу 40 и 49 години каде 42,5% рекле дека имале или се уште имаат планови да ја напуштат државата. Слични бројки од 42,2% граѓани кои размислуваат да се иселат има и во возрасната група меѓу 30 и 39 години додека кај најмладите, оние кои имаат под 30 години 37,8% размислувале или размислуваат да се иселат од државата.

Advertisements

Споредбата со анкетите од претходните години кои за Детектор исто така ги спроведуваше ИПИС не покажуваат некои значителни промени во ставовите на граѓаните. Во сите анкети во последните 5 години, процентот на граѓани кои размислувале или размислуваат да се иселат е над 30%.

Сепак, 52,7% од сите анкетирани граѓани рекле дека во наредните 5 години нема шанси да се преселат од Македонија додека сигурни дека ќе си заминат во истиот период се 11,5% од анкетираните. Поредбата со анкетите од претходните години не покажува некои значителни отстапувања.

За иселување граѓаните најчесто се решаваат поради повисоките плати (17,2%), подобрите услови за работа (15,7%) и подобрите можности кои им се нудат на децата (12,2%) како и подобриот здравствен и образовен систем кој го нудат странските земји (11,5%).

Кај младите под 30 години, очекувано повисоките плати (21,7%) и подобрите услови за кариера (20,6%)се главната причина поради која тие си заминуваат или би си заминале од земјава.