Шилегов ја прекрстил улицата „Војдан Чернодрински“ во „Оџа Атаулах Куртиши“

Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу во изјава за Телма вели дека промената на името на улицата Војдан Чернодрински во Оџа Атаулах Куртиши, како што објавивме претходно, е со одлука на Советот на Град Скопје од 2021 година во времето на градоначалникот Петре Шилегов.

„Во периодот кога беше градоначалник г-нот Шилегов, со таа гарнитура, со тој Совет ги поминаа сите имиња и промените на улициве. Така што сите процедури се поминати. Во „ Службен весник“ помина. Дури ние задоцнивме со промовирање на таа улица“, вели градоначалникот Висар Ганиу за Телма.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов пак, вели дека името на Војдан Чернодрински не е избришано од скопските улици.

„Со одлука на Советот на Град Скопје од 2021 година е префрлена во општина Центар, во населбата Пролет. Улицата која ги поврзува булеварот „ Кочо Рацин“ и „ Крушевска република“, по ново е улица „ Војдан Чернодрински““, објаснува Пенов.

Сепак, остана отворено прашањето до кога локалните власти ќе губат време со преименување на улиците, наместо да градат нови и да го решаваат сообраќајниот хаос . Впрочем, кому му пречеше името на улицата Војдан Чернодрински, па да ја прекрстува и да именува улица со тоа име во населбата Пролет. Вакви промени не носат ништо добро само поделби во македонското општество.