Сиљановска Давкова: Документите што ги потпишувам се со уставното име, а јас како човек од Сократ до денеска имам право слободно да се изразувам

Не беше отворена темата околу употребата на уставното со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на денешниот Самит на земјите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во Скопје, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со нејзините колеги од Црна Гора Јаков Милатовиќ и од Албанија Бајрам Бегај.

– Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Оставивме простор бидејќи му доцнеше летот, да се обрати како последен. Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право, дека треба да продолжиме таму каде што имаше многу јасни определби на Солунскиот самит. Тоа беа разговорите. Мислам дека атмосферата беше пријатна, пријателска, беше и заменик министерката за надворешни работи, со која се познаваме. Милам дека луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме. Многу сум задоволна особено поради целосно усогласената декаларација која беше усвоена, рече Сиљановска Давкова.

Advertisements

Прашана дали очекува ако ја продолжи праксата со употребата на името на државата, да дојде до блокада од Грција и повлекување на поддршката за приклучувањето во ЕУ, како и евентуално други последици, претседателката кажа дека „не мисли дека го крши Уставот, и оти неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми“.

– Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг две лица, едно офцијално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право, истакна Сиљановска Давкова.