„Со Светиот престол имаме нераскинливи историски врски“ – Силјановска Давкова се сретна со папата Франциск

Претседателка на Македонија, Гордана Силјановска Давкова денеска е во работна посета на Италија, каде се сретна со папата Франциск.

„Со Светиот Престол имаме нераскинливи историски врски преку важни личности од заедничкото минато. Благодарност до Папата Франциск за пријатниот и конструктивен разговор.

Advertisements

Уверена сум дека во периодот што следи уште поинтензивно ќе се залагаме за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол и ќе го негуваме меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции“, вели претседателката Силјановска Давкова на Фејсбук.

Претседателката во Рим ја предводи државно-црковната делегација по повод честувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Се усогласивме околу актуелните проблеми, на поддршката на Ватикан на патот кон ЕУ, на поддршката на Ватикан на Западен Балкан, 30 години потоа соработката. Рековме дека успесите се очигледни, потврдивме дека посетата во 2019 беше неверојатно инспиративна, не само за малото стадо на кое папата му порача да не се плаши, туку за сите религии. Пример сме за религиозен дијалог, и тој ќе продолжи, Ватикан верува во нашата сила“, изјави Силјановска-Давкова.