Таткото на Крива Паланка ме нападна со два шамари – градоначалникот бил пијан, тврди полицаец, Митовски негира

 Кристофер Стоевски, полицаец на Фејсбук објави дека градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски физички го нападнал, а случајот тој го пријавил во полиција.

Министерот за внатрешни Оливер Спасовски синоќа во емисија на ТВ 24 потврди дека настанот е пријавен, во тек е истрага, а МВР денеска информира дека по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Advertisements

Стоевски на Фејсбук раскажа што се случило ноќта после полноќ на 13 јануари годинава. Тој вели дека околу 01:50 минути по завршување на забава во гостилница го напуштил локалот со својата девојка. На забавата имало многу луѓе, паркингот бил полн. По заминување, на 50 метри од влезот се случил судар меѓу две возила.

Бидејќи автомобилите стоеја оштетени на патот, сообраќајот беше во застој само неколку минути, па така видно изреволтиран и во видно алкохолизирана состојба, таткото на Крива Паланка – С.M. приоѓа и од нигде никаде, ме напаѓа со 2 шамари затоа што сум чекал со автомобилот на пат, што е согласно законските прописи дека не треба да се поместува возило при сообраќајка, пишува Кристофер Стоевски кој вечерта не бил на должност и повикал полиција.

Тој вели дека не ја знае причината за нападот.

„Јас не возвратив на насилството ниту физички ниту вербално и како што е пропишано по закон, на професионален начин се јавив веднаш во полиција и го пријавив случајот. Полицијата дојде, направен е записник со притоа огромни притисоци и закани како од таткото на градот така и од неговиот брат, бидејќи сепак напаѓачот е добро познат на сите – таткото на градот!”, пишува полицаецот.

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски во изјава за Канал 5 негира дека физички го нападнал полицаецот и ги повика надлежните да го расчистат случајот.