Грешката во задача по математика, како што објавивме претходно, за шесто одделение што ја објави на социјалните мрежи професорката од скопската гимназија „Раде Јовчевски –Корчагин“, Фросина Митрушева дека збирот на внатрешните агли во секој триаголник е 190 степени ја направиле универзитетски професори.
„Што се однесува за таа забелешка, во однос на предметот математика за 6-то одделение, техничката грешка е на почитуваните автори. Има и неколку решенија странично од задачата. Јас побарав официјално забелешка бидејќи се работи за универизитетски професори. Како тие ќе го достават својот став за техничката грешка, веднаш ќе го доставиме одговорот до јавноста“, изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и побара авторите на учебниците да бидат повнимателни.
Знаете, додаде министерот, дека во сите учебници по математика имало и претходно некоја грешка.
„Има една изрека дека и на најдобриот математичар студентот му има најдено грешка во учебникот“, вели министерот Шаќири.