„Владините функционери имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“ – Репортери без граници нè рангира на 36 место

Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници, што е за две места подобор од 38-то место лани. Од земјите во регионот Северна Македонија е најдобро оценета, а следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.

-Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои во оценката за земјава.

Advertisements

Во однос на Медиумски пејзаж се наведува дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои плагијат и копираат и залепуваат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

За политички контекст се забележува дека целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, стои во Извештајот.

Во контекст на правната рамка се посочува дека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, но дека земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да и се придружи, а се посочува и на пресудата за ИРЛ и новиот закон за медиумите во делот на рекламирањето.

-Процедурите на SLAPP служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудата за клевета, во 2023 година, на медиумот IRL за нејзината истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание, нотира Извештајот.

За економски контекст се наведува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање, се додава понатаму, е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството, се посочува, е многу несигурна професија, а некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите.

Во делот за социјланиот контекст стои дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат, како што се посочува, за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка или религија,

Кога е во прашање безбедноста на новинарите се констатира дека тие се често мета на вербални напади, а меѓу другото се посочува и за назначувањето специјален обвинител задолжен за случаите на напади врз новинари.

-Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја, стои во Извештајот на Репортери без граници за земјава.

Првите места на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година им припаѓаат на Норвешка, Данска и Шведска. На листата од 177 земји во светот најлоши оценки за слободата на медиумите имаат Туркемнистан Иран и Северна Кортеја.