Германскиот министер за економија: Ќе треба да издржиме повисоки цени на гасот и идната година

Германските потрошувачи ќе плаќаат високи цени на гасот најмалку уште една година, а решението е инфраструктурата за течен гас, изјави министерот за економија на Германија Роберт Хабек.

„Ќе треба да издржиме повисоки цени и во (идната) година, изјави Хабек за агенцијата ДПА.

Advertisements

Тие треба да паднат кон крајот на 2023 година, кога треба да биде завршена инфраструктурата неопходна за замена на рускиот гас, но не под нивото од 2021 година, предупреди министерот.

Инфраструктурата потоа треба дополнително да се прошири, нагласи Хабек.

„Цените се високи затоа што (рускиот претседател Владимир) Путин го прекина снабдувањето што сочинуваше половина од потрошувачката на Германија, а немавме инфраструктура за снабдување, освен гасоводи“, рече тој.

Рускиот гас пристигннуваше во Германија преку Балтичкото Море, преку гасоводот Северен тек 1, кој беше уништен во експлозија на крајот на септември. Европските влади тврдеа дека причината е саботажа и започнаа истрага. Норвешка, Данска и Германија одбија да ги објават резултатите, наведувајќи ја националната безбедност. Гасот во Европа пристигнува и преку Украина, која блокираше една транзитна точка, тврдејќи дека изворот на енергија се пренасочува низ отцепените региони.

Во меѓувреме, Германија почна да бара алтернативни извори на снабдување, пред се течен гас.

„Ако продолжиме да ја шириме инфраструктурата со сегашното темпо, повторно ќе ја поврземе Германија со светскиот пазар и ќе имаме цени на глобалниот пазар, многу пониски од она што во моментов го плаќаме“, рече Хабек.