Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека КФОР го одбило барањето на Србија за враќање на српските безбедносни сили во Косово.
„КФОР ни одговори дека нема потреба нашите сили да се вратат на северот на Косово и Метохија, како што очекувавме, иако според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН тие немаат право да го отфрлат нашето барање бидејќи не се прашуваат за тоа“, рече Вучиќ.
Во писмото, како што објасни Вучиќ, се наведува дека КФОР внимателно набљудува што се случува на северот“, иако, како што рече, само два часа претходно било пукано врз момчиња од српска националност. Работата на КФОР, нагласи Вучиќ, не е да се грижи за блокадите на северот, туку за сите Срби во Косово.
Српскиот претседател рече дека станува збор за обид за убиство на две момчиња и посочи дека наскоро очекува да се види со семејствата Стојановиќ и Томиќ.
„Сето ова е резултат на атмосферата што ја создаде Курти. Ме плаши ако го видам тоа и кај нашиот народ, да не сме повеќе во состојба сосема рационално да набљудуваме. Сликата од Бадник ја потресе Србија, ги насолзи очите на сите луѓе“, вели Вучиќ.