Трамп доби нов предлог за Газа од саудиски функционер кој го критикуваше предлогот на американскиот претседател за преселување на Палестинците сугерирајќи дека преселувањето на Израелците на Алјаска и Гренланд би било подобро решение за стабилноста на Блискиот Исток, пренесе хрватски Индекс.
Трамп предложи преселување на Палестинците од Газа, тврдејќи дека ќе спроведе извонреден план за реконструкција за претворање на енклавата во „Ривиера на Блискиот Исток“.
По забелешките на Трамп, кои беа критикувани од многу земји, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху иронично сугерираше дека Палестинците треба да основаат своја држава во Саудиска Арабија наместо во нивната татковина, отфрлајќи секаква идеја за палестински суверенитет.
„Саудијците можат да создадат палестинска држава во Саудиска Арабија. Тие имаат многу земја таму“, рече Нетанјаху.
Членот на Консултативниот совет на собранието на Саудиска Арабија Јусеф бин Трад Ал-Садун ги повика Палестинците да останат обединети. Тој предупреди дека допрва следуваат тешки денови, а одговори и на предлозите на Трамп.
„Ако Трамп навистина сака да биде херој на мирот и да постигне стабилност и просперитет за Блискиот Исток, тој треба да ги пресели своите сакани Израелци во државата Алјаска, а потоа на Гренланд, откако ќе ја преземе власта“, рече Ал-Садун во написот за саудискиот весник Оказ.