Онлајн платформата Кунуну(kununu.com) анализираше колку вработените во Германија всушност реално заработуваат врз основа на повеќе од 500.000 податоци за платите.
Анализата се заснова на податоци кои ги имаат дадено работените за 2021 и 2022 година, притоа се вклучени само приходите на вработените со полно работно време, пренесува магазинот Феникс.
Просечните годишни бруто плати се неверојатни – особено оние на првите три места.
Заедно со способноста и вештините, платата обично игра голема улога во изборот на кариера. Кунуну во својата анализа земал предвид само одредени професии. Од анализата се исклучени работни места со раководна функција, на пример главен лекар, имиња на работни места кои се премногу општи, на пример деловен партнер и работни места со помалку од 200 достапни податоци за платата.
Дигитализацијата и глобализацијата создадоа многу нови занимања со високи плати. Но, некои работни места наскоро можеби веќе нема да постојат.
Луѓето кои ги имаат следните професии не треба да се грижат за тоа: медицински советници, адвокати и пилоти.
Со просечна годишна плата од 86.300 евра, медицинскиот советник е на првото место на скалилото. Медицински советник е медицински научен експерт за лекови. Тој делува како врска помеѓу лекарите и фармацевтите, а исто така воспоставува врска помеѓу фармацевтските компании и болниците. Повеќето луѓе знаат дека фармацевтската индустрија и медицината заработуваат добри пари. Впрочем, лекарската професија е една од подобро платените работни места за млади професионалци без искуство. Значајна е и минималната плата: според информациите објавени на kununu.com, таа изнесува 62.000 евра годишно. Како што покажува анализата на порталот, има и многу простор за подобрување. Медицинскиот советник во Германија може да заработи до 137.100 евра годишно. Работодавачи со највисоки плати за медицински советници се Roche, HEXAL AG, Boehringer Ingelheim и AstraZeneca GmbH.
На второ место на скалата следи професијата – адвокат. Со 83.200 евра годишно, оваа работа дефинитивно е една од најдобро платените. Повторно, опсегот на плати е екстремен. Додека минималната плата е 37.800 евра годишно според анализите, поискусните адвокати за својата работа можат да добијат и до 146.400 евра. Почетните плати за адвокатите во Германија со помалку од три години работно искуство се движат од 37.800 евра до 59.520 евра.
Со разлика од само 900 евра, на трето место следи професијата пилот. Во просек, пилотите во Германија заработуваат 82.300 евра, според Кунуну. Во зависност од искуството и активноста, опсегот на плати е голем: помеѓу 28.500 и 159.100 евра. Сепак, она што овде изненадува е релативно ниското ниво на задоволство од платата. Тоа е 56 отсто, додека за медицинските советници е 78 отсто, а за адвокатите 72 отсто.