Бектеши: Во вторник ќе се зголемат замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето

Владата на седница во вторник ќе ги ревидира цените на 11-те видови овошје и зеленчук за кои претходно донесе одлука да бидат замрзнати до крајот на месецов, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа, како што кажа, наредниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени, а тие ќе почнат да важат откако ќе бидат објавени во „Службен весник“.

Увозниците, прецизира министерот, генерално пријавуваат малку зголемени увозни цени кај доматите и краставиците.

Advertisements

„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е истата, ќе остане истата. Генерално нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени, кои се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени.

Ќе има кај одредени производи многу мало зголемување, како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130–140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошје и зеленчук за производите кои беа наведени во одлуката, нема да има поголема од 100 денари, за што дополнително ќе ја информираме јавноста“, рече Бектеши.

Бектеши денеска на прес-конференција јавно ги повика увозниците на овошје и зеленчук да присуствуваат на координативната средба и повтори дека законите мора да се почитуваат.