Од сите страни се слушаат истите приказни, од една страна луѓето се жалат дека немаат работа, а од друга страна работодавачите се жалат дека нема работници, ситуација која се сретнува и во соседна Србија.
Српските медиуми објавија за еден таков случај, откако на социјалните мрежи еден производител на хумус за растенија го изрази своето разочарување токму од оваа ситуација.
Имено, тој се обидел да најде работници за просејување на хумус од дождовен црв, нудејќи им 1.000 динари, што е околу 500 денари, за еден час работа, но не успеал.
„Немам потреба од постојани работници, но да речеме во одреден период од годината, конкретно сега, има работа за десет дена. Работата не е тешка, ја работам и јас, како и членовите на семејството, меѓу кои и мојот 82-годишен дедо. Според моја проценка, за еден час би можеле да заработат и до 1.000 динари. Но, никој нема. Што се случува? Нема никој, или има, а нема“, прашал член на група на Фејсбук.
Неговите колеги-претприемачи не беа изненадени од ваквата ситуација, бидејќи повеќето од нив понекогаш наидуваа на тешкотии да најдат луѓе за работа. Но, и многумина од нив ги изненади фактот што некој ја одбива дневницата која би изнесувала 8.000 динари за осум часа работа.
Станува збор за работата на просејување на хумусот од дождовен црв и негово ставање во вреќи. Тоа се прави секојдневно колку часа сака работникот, а за секој час ставате „една црвена“ во џеб.