Советот на Општина Македонска Каменица на вонредна седница едногласно донесе одлука да прогласи тридневна жалост во вторник, среда и четврток по тешката сообраќајна несреќа во која згаснаа три млади животи.
Несреќата се случи синоќа во италијанската провинција Асти, во градот Ница Монферато.
„Македонска Каменица е завиена во црно. Македонска Каменица е во жалост. Згаснаа млади животи.
Почитувани сограѓани, Советот на Општина Македонска Каменица изразува искрено и длабоко сочувство до фамилиите на трагично загинатите млади момчиња. Денес, Советот на Општина Македонска Каменица на вонредна седница едногласно донесе одлука да прогласи ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ во деновите 11, 12 и 13 Април 2023 година, Вторник, Среда и Четврток.
Советот на Општина Македонска Каменица во текот на утрешниот ден по дополнителна консултација со службите на Општина Македонска Каменица ќе ја разгледа можноста за одобрување на што е можно поголема финансиска поддршка за ожалостените фамилии. Момчиња почивајте во мир, нека Ви е светол патот во вечноста. Секогаш ќе се сеќаваме на Вас“, се вели во сочувство до семејствата на трагично загинатите момчиња што го објави Анета Стојчевска, претседател на Совет на Општина Македонска Каменица.