Наумче Мојсовски ја тужи Антикорупциска за клевета, Комисијата тврди дека објавила само факти

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски поднел тужба за клевета против Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Во тужбата, како што денеска информира претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на денешната седница, Комисијата е обвинета дека јавно објавувала информации за директорот на АМС.

„Станува збор за предмет кој во континуитет се работи две години. Го изанализиравме функционирањето на АМС во целина, дадовме препораки кои директорот не ги реализира“, рече Ивановска.

Advertisements

Членот на ДКСК Владимир Георгиев посочи дека фактите во извештајот на ДКСК за директорот на АМС, што се изнесени на една од претходните седници на Комисијата, се засноваат на факти за работењето на директорот доставени од Агенцијата или од други надлежни институции.

Нури Бајрами од Државната комисија вели дека не му е јасно како едно службено лице не препознало дека седниците на ДКСК се јавни и дека Комисијата е можеби потранспарентна од тоа што е предвидено со закон.