Игор Пехчевски кој боледува од цистична фиброза и моментално е хоспитализиран на Детската клиника на својот Фејсбук профил пишува за закани кон него од страна на директорката проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ, која, како што вели тој, му се заканила дека доколку дојдат новинарски екипи за викендот за него немало да има место во болницата.
„Д-р Стојка Нацева Фуштиќ со дрзок тон и завчера и вчера дојде 2-3 пати во болничката соба и ми кажа доколку пак дојдат новинарски екипи за викендот да давам изјави за лекот трикафта, дека за мене повеќе немало да има место во оваа болница за Цистична фиброза за лекување“, се вели во објавата на Пехчевски.
Во неговиот пост, се вели дека и покрај тоа што му е подготвена отпусна листа за 18 април, директорката дава изјава дека тој болницата ќе ја напушти утре.
„Докторке оваа болница не e лично Ваша за да може така дрско да се однесувате со пациентите и да давате изјави дека пациентот ќе си оди на 15.04.2023г. А имам документ со отпусна листа која е со датум 18.04.2023год. Како ќе ме погледнете во очи мене и другите пациенти за ова што ми го правите пред цела македонска јавност“, се вели во објавата на Пехчевски.