Кумановската болница ќе мора да позајмува возило на Брза помош по несреќата во Скопје

Болницата во Куманово во моментов е без возило за транспорт на пациенти, откако вчера едно од нив се преврте во сообраќајна несреќа, а останатите две се на сервис.

Во меѓувреме, болницата ќе позајми амбулантно возило од друго место, пишува порталот„360 степени“ повикувајќи се на изјава на директорката Снежана Захариева.

Сообраќајната незгода се случи синоќа пред полноќ во близина на ЕУ инфо-центарот во Скопје. Амбулантното возило кое превезувало 72 – годишна кардиолошка пациентка од Куманово се судри со „фолксваген туран“, со скопски регистарски таблички.

Во несреќата, возачот, медицинската сестра и пациентката се здобија со полесни повреди, додека возачот на другото возило е потешко повреден.

Advertisements

Возачот на Брзата помош и медицинската сестра се пуштени од болница, а пациентката која ја транспортирале е на Клиниката за кардиологија.