За мене не беше скандал со Судскиот совет, туку во обвинителскиот совет каде сакаат Ленче да ја запалат како вештерка зошто ги критикувала, изјави вечерва во емисија на ТВ 24 професорот Гордан Калајџиев.
„И не е прв пат овој совет да прозива критичари. Тој тип на работа и размислување е навистина застрашувачки“, вели Калајџиев.
Во врска со случувањата во Судски совет и разрешувањето на претседателката Весна Дамева, Калајџиев порача дека треба да се размислува кои се причините за дисфункционалноста на меѓучовечките односи во ова судско теело.
„Дел од проблемот е самата претседателка. И сегашната и претходната претседателка згрешиле зошто се лесна мета, иако имале најдобра намера. Не можеш да донесеш анонимус за претседател на Судски совет“, изјави Калајџиев.
И Коалицијата „Сите за правично судење“, како што објавивме претходно, реагираше на спорните одредби во Етичкиот кодекс, кои беа донесени по изјава на обвинителката Ленче Ристоска, а сега и се применуваат врз неа.
Етичкиот кодекс со спорните одредби потсетува Коалицијата, беше донесен во 2021 година, само еден месец откако јавната обвинителка Ристоска против која сега е поведена постапка пред Етичкиот совет и тогаш јавно го критикуваше постапувањето на Советот на јавните обвинители.
Коалицијата „Сите за правично судење“ апелира Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување, да ги прифати демократските принципи на добро владеење, да најде начин како да се справува и да се носи со јавните критики кои често се основани, како и да започне да ги извршува своите надлежности со должно внимание и свесност за далекосежните последици кои тие може да ги имаат за целокупниот правен поредок.