Соседите од зградата во која живее Коста Кецмановиќ (13), момчето кое вчера уби осум училишни другари и чувар и повреди шест ученици и професор по историја во Белград, се уште се во голем шок, немаат сила да коментираат за вчерашната трагедија, а немаат да кажат ни ништо лошо за семејството на момчето.
Како што вели еден сосед за српски „Блиц“, таткото на момчето секогаш бил тука за сите во зградата кога им била потребна помош – како лекар, но и како сосед.
Исто така, момчето често помагало, им носело храна на соседите.
Меѓутоа, она што сите ги изненадува е тоа што Владимир имал толку многу оружје во станот.
„Кога полицијата ги вадеше работите од станот, велат дека е пронајдено повеќе оружје. Во 2016 година поднел барање за оружје и претпоставувам оттогаш почнал да го собира, којзнае што му се случило во главата“, вели сосед за „Блиц“.
За Коста зборуваат како за повлечено и срамежливо момче, кое не го гледале со другари.
„Само жената што ги чуваше беше секогаш со нив, искрено никогаш не го гледав со друштво. Но, знам дека ноќта пред трагедијата, тој беше на роденден со својот клас, со оние што ги застрела! Имаше и девојка која му се допаѓаше, и неа ја застрела“, раскажува шокиран сосед за „Блиц“.
Како што понатаму зборуваат, знаеле за Владимир онолку колку што тој им кажувал за себе, дека неговите роднини се успешни спортисти и писатели и дека тој е почитуван лекар. Сепак, никој не знаеше дека оди на стрелиште.
„Толку пати разговаравме и се видовме. Никогаш не спомна дека има пиштол, ниту дека оди на стрелиште. Не знам ни дали сега ќе сноси одговорност, Коста ќе треба да излезе надвор, што да правиме ако го видиме овде… Сигурно некое семејство ќе сака да се одмазди“, вели сосед.
Како што велат во разговорот за „Блиц“, сметаат дека семејството ќе мора да се исели.