Министерство за образование (МОН) ќе предложи на владина седница да се направи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои се потхрануваат од одредени социјални мрежи како ТикТок по трагичните случувања во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, вели министерот за образование Јетон Шаќири.
МОН изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, за да се намалат ризиците.
„Имајќи предвид дека истите не треба да се користат во училишна средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи“, вели министерот.
Тој ги повика сите наставници, како и родителите, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот.
Министерството соопшти дека веќе се прават консултации со експерти од неколку институции и факултети за да се зајакнат превентивните програми за борба против булингот и насилството.