Партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ соопшти дека ќе ги извести европските партнери, како и комесарот за проширување на ЕУ поради тоа што Македонија не му дозволи влез во земјава на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и на четворица други бугарски државјани
„На Ѓурѓовден, кога го почитуваме споменот на загинатите војници за нашата татковина, властите на Република Северна Македонија го направија невидениот чин и не му дозволија влез на шефот на групата ГЕРБ-СДС во ЕПП, Андреј Ковачев, кој е и портпарол на групата на ЕПП во Европскиот парламент одговорна за проширувањето на ЕУ и Западен Балкан“, се вели во реакција на бугарската партија.
ГЕРБ, се вели во соопштението, категорично ги осудува овие постапки на властите на РСМ.
„Ваквите недозволиви мерки, како и сите дејствија во последните месеци против други бугарски државјани или против граѓани на РСМ кои отворено го изјавуваат својот бугарски идентитет, на ниту еден начин не придонесуваат за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за развој на добрососедски односи меѓу двете земји“, се вели во соопштението.