Владата излезе со предлог адвокатот Игор Милев да биде нов владин претставник во Одборот на директори на Телеком. Тој на позицијата во Телеком доаѓа откако претходниот владин претставник Зоран Китанов даде оставка од позицијата, а истовремено Китанов беше и претседател на Одборот на директори.
Милев последната државна функција ја вршеше во Царината каде во февруари годинава поднесе оставка, а беше помошник-директор на Секторот за контрола и истраги.
Во биографијата на Игор Милев пишува дека тој завршил постдипломски студии на Правниот факултет во Скопје, од 1999 до 2001 година. Работел како приправник во Основниот суд во Радовиш, во периодот од 2001 до 2002 година, бил раководител на правната служба во „Јака 80“ АД Радовиш, а од 2002 до 2015 година работел како адвокат.
Милев од 2015 до 2017 година бил член на Државната изборна комисија. Од 2018 до 2023 година бил советник на директорот на Царинска управа.
Од 2011 до 2013 година бил член на Управниот одбор на Адвокатска комора на Македонија.
Во периодот од 2004 до 2005 година тој е член на второстепената Комисија за јавни набавки при Владата.
Милев, пет години работеше во Царинската управа, на крајот на февруари замина од оваа институција, а остана непознато во јавноста кои беа причините за тоа.
Милев беше познат и во партиските структури на СДСМ и по близината со претходниот лидер на партијата Зоран Заев. Во 2013-та, Милев беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Радовиш.
Милев бил и раководител на правната служба на акционерското друштво „Јака 80“ од Радовиш од каде потекнува.

