Се повлекува скуша од пазарот, има паразити, не ја конзумирајте!

Европскиот систем за брзо предупредување за небезбедна храна (РАСФФ) објави дека риба скуша се повлекува од хрватскиот пазар поради сомневање дека е заразена со тенија анисакис.

Како што објави Дневник.хр, паразитите се пронајдени во свежа скуша со потекло од Шпанија која била дистрибуирана во Хрватска, Австрија, Србија, Словачка и Словенија, а известувањето важи и за Италија.

Заразената риба е откриена токму во Хрватска, по поплака на клиент, а потоа бил алармиран и европскиот центар за тревога, па скушата била повлечена од пазарот, се вели во извештајот

Иако во извештајот се истакнува дека спорната риба била дистрибуирана и во Србија, од Ветеринарната управа на Министерството за земјоделство за Политика велат дека рибата увезена од Хрватска во Србија била тестирана и е безбедна за потрошувачите.

Со оглед на тоа што присуството на овој паразит кај рибата која не е доволно термички обработена може да претставува опасност по здравјето на луѓето, во случај на наод се блокира целата пратка и се забранува нејзино пуштање во промет.

Надлежните потсетуваат и дека во август 2021 година, Ветеринарната управа преку системот за брзо известување EU/RASFF ја известила Европската комисија за констатираните несообразности кај рибите од Шпанија, односно за честото наоѓање на анисакис кај рибите со потекло од југозападен Атлантик.

На потрошувачите им се препорачува термичка обработка на рибата на температура над 60 Целзиусови степени, а доколку се консумира сирова, прво мора да се замрзне на температура од минус 20 степени најмалку пет дена.