МНР: Ковачев патуваше со ризични луѓе, добредојден е секој што ги почитува државата и граѓаните

Секој европратеник е добредојден во Македонија, но во групата со која патувал европратеникот Андреј Ковачев имало лица кои, според сознанија на Министерството за внатрешни работи (МВР), претставуваат ризик по јавниот ред и безбедност.

Вака Министерството за надворешни работи (МНР) ја образложи одлуката на граничниот премин „Ново Село“ во петокот да не им биде дозволен влез  во земјава на петмина државјани на Бугарија.

„Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, се вели во дописот на МНР.

Advertisements

Одлуката да не се пуштат петмината бугарски државјани, како што се нагласува во соопштението на МНР, била донесена согласно законот за странци, односно „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија“.

Претходно Ковачев во интервју за бугарската БТВ оцени дека Македонија ја преминала црвената линија – поради одлуката член на европскиот парламент да не биде пуштен во земја кандидат за членство. во ЕУ.