Демократската унија за интеграција смета дека коалициската блокада на опозициските ВМРО- ДПМНЕ и Левица во Собранието на сите закони и постапки е суштествено антиевропска, антинато и антиамериканска.
„ВМРО- ДПМНЕ и Левица активно и намерно блокираат над 500 милиони евра наменети за проекти во интерес на граѓаните од страна на европските финансиски институции.Финансиските импликации од блокирањето на законот за ДДВ се 40 милиони евра, за законот за данок на добивка се 20 милиони евра, за данокот на солидарност 80 милиони евра, како и блокирањето на финансиските закони за задолжувања, 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за развојни кредити за стопанството со поволни услови и други 100 милиони од ЕБРД за ЕСМ, над 150 милиони евра за коридорите 8 и 10-д. Од даночните закони зависат и уште вкупно 260 милиони евра од ЕУ и ММФ, а дополнително уште стотици милиони евра за железницата на Коридорот 8“, се вели во нивното соопштение.
Според ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ активно работела против Преспанскиот договор и членството на земјава во НАТО, а не дала поддршка ниту за Договорот за добрососедство и Охридскиот договор.
ДУИ, се додава во соопштението, нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја чинат државата над 150 милиони евра поскапа изградба на коридорите 8 и 10-д, а оти таа ќе работи на нивна поевтина и побрза изградба.
Петте предлог-закони кои се поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, а кои се со европско знаменце, вчера го поминаа првиот собраниски филтер.