Мостот „Беласица“, кој ги поврзува Железничката станица и Трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, а кој синоќа беше опожарен, ќе биде целосно затворен за сообраќај додека не се утврди колкава е нанесената штета и дали е безбеден за поминување.
Мостот од утринава беше затворен за автомобили, а отсега ќе биде затворен и за пешаци и велосипедисти.
ЦУК вели дека се забранува и движење под мостот, односно по кејот на реката Вардар поради опасност од паѓање делови од бетонската облога со која е обложен долниот дел на мостот.
„Пожарникарите излегле веднаш на терен, но не смееле да гаснат затоа што немале информации какви инсталации минуваат под мостот. Заклучокот бил дека има само една електрична инсталација со која се напојуваат светилките на мостот, а во средината поминува цевка со дијаметар од еден метар низ која има топла вода за парното во Скопје. Благодарение на нивната акција пожарот бил ставен под контрола и целосно изгаснат до 4 часот“, вели Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Од високата температура пукнал заштитниот бетон со кој бил намачкан мостот од долната страна и постои опасност од оштетување на арматурата. Мостот е топол и утрово, а Град Скопје реши да го затвори целосно за движење.
Додека не се утврдат точните штети на кои работи тим од град Скопје и неколку професори од Градежен факултет, мостот ќе остане затворен.