Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ивана Трајчева, бара Драги Рашковски за предметот „Софтвери“ да добие затворска казна, обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата, а на двајцата универзитетски професори да им биде изречена и казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, пишува „360 степени“.
Обвинителството во своето образложение, што го пренесе „360 степени“, вели дека професорската професија е една од оние професии во кои граѓаните и општеството треба да имаат сигурност и доверба, а во случајов двајцата обвинети искористувајќи го своето знаење и вештини, стекнати преку својата позиција, ги користеле за извршување на кривични дела.
„Сите четири предметни постапки за јавни набавки за кои одлуките ги носел првообвинетиот се незаконски спроведени и доколку не се водеше оваа постапка софтверот, системот, кабините и камерите ќе останеа засекогаш заборавени, а парите на граѓаните сепак потрошени“, се вели во соопштението.
Според доставеното имотно правно барање од Државното правобранителство на Р.С.Македонија, обвинителството предложи обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата.
Исто така, согласно чл.98 ст.1 од Кривичниот законик, јавниот обвинител побара од судот да конфискува имотна корист во вкупен износ од 684.603,00 денари од сметката на првообвинетиот како имотна корист што одговара на вредноста на прибавената корист од кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в со чл.45 од Кривичниот законик.