„Пушката му беше вперена во моите преплашени ученици“ – сведоштво на професор кој спречил масакр во гимназија во Србија

„Поминав низ улицата полна со свеќи и цвеќиња. Тага и морници. Велат дека нема грешка, никој не е виновен, а кој ќе одговара што децата никогаш не се вратиле од училиште? Секој ден што го поминуваме со семејството треба да го паметиме и да го живееме како да е последен. Не сакам никој да биде во кожата на родителите кои ги загубија своите ангели“, вели професорот во својата потресна приказна за порталот „Блиц“.

Српскиот портал „Блиц“ објави потресна приказна со професорот Славољуб Стојадиновиќ од  гимназија во Велика Плана, Србија кој во 2019 година успеал да ги спаси своите ученици кон кои непознат маж кој упаднал во училиштето вперил автоматска пушка во децата на шестиот час по филозофија. Напаѓачот испукал два истрели.

Advertisements

Како што вели за „Блиц“ овој професор херој, кој си го ризикувал животот за да си го заштити своето одделение, масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ можел да се избегне.

„Сето ова ќе помине, ќе остане само тагата и болката на родителите. Тие ги испратија своите деца на училиште од кое никогаш не се вратија…“, вели професорот Стојадиновиќ и продолжува.

„Не научивме лекција од Велика Плана. Сè можеше да се спречи пред три и пол години кога се случи пукањето во училиштето. И тогаш можеше се да се спречи, но никој не слушаше. Тогаш можевме да ги смениме законските обврски. Можевме да ги обезбедиме училиштата, но пукањето брзо беше заборавено и сега се прашуваме како ни се случи ова?, вели неутешниот професор Стојадиновиќ.

Тој понатаму раскажува дека непознат маж влегол во училиштето со арсенал оружје и отишол директно во неговиот клас.

„Јас бев класен на тие деца. Една од ученичките успеа да ми се јави и тивко ми шепна дека имаат проблем. Без размислување веднаш се упатив кон нивната училница. Немав поим што ме чека“, вели професорот

Тој понатаму раскажува дека напаѓачот ја блокирал вратата, а откако ја скршил наишол на грозоморна сцена. Во моментот на пукањето во училиштето немало училишен полицаец.

„Постар човек држеше автоматска пушка насочена кон моите деца, моите ученици. На масата имаше пиштол со шест рамки, имаше и ранец во кој, како што подоцна дознавме, имало 733 куршуми, како и цел арсенал оружје. Исплашени деца, скаменети седеа во нивните клупи. Им кажал некои неповрзани работи, нивната агонија траеше 10 минути“, додава Славољуб.

Тој исто така забележува дека успеал да го искористи моментот на невнимание на напаѓачот за да го совлада. Ги повикал децата да излезат од училницата. Неколку секунди подоцна, кога сите излегле, започнала вистинска тепачка. Напаѓачот испукал и два куршуми, поминале покрај главата на Славољуб.

„Успеав да му ја земам пушката. Се обиде да ја активира бомбата што му беше во џебот, но некако успеав да го соборам на земја“, раскажува професорот херој за порталот „Блиц“.

Славољуб наведува и дека од немилиот настан поминале три и пол години, но ништо не се сменило.

„Не ја научивме лекцијата ниту тогаш, а нема да ја научиме ниту сега. И по оваа трагедија, по убиството на толку многу невини деца, ништо нема да се промени. Нема волја и слух. Секогаш кога мислев дека не може да биде полошо, секогаш нешто ме уверуваше и гледав дека може. Ова е почеток на крајот“, вели професорот.

Како што вели, секогаш чекаме нешто да се случи, а потоа се прашуваме – „Зошто ние?“

Тој смта дека треба да се врати угледот и законските овластувања на професорите.

„Кога ќе го кренеме гласот на детето, да не доаѓаат родителите со двајца адвокати. Децата сега ги знаат своите права, но не и обврските. Треба да се воведат униформи за деца, за да нема дискриминација, сите деца мора да бидат еднакви“, додава професорот.