Детектор: 56,1 отсто од граѓаните се против Бугарите да влезат во Уставот, поддршка дава само еден од десет Македонци

Граѓаните се против внесување на Бугарите во Уставот и покрај тоа што ова е услов за почеток на предговорите со Европската Унија, покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Истражувањето покажува дека 56,1% од граѓаните сметаат дека не треба да се промени Уставот и во него да се внесат Бугарите и останатите народи за да се продолжи со преговорите со ЕУ.

Само 27,5% од анкетираните даваат поддршка за уставни измени.

Advertisements

Најголем дел од тие кои што поддржуваат уставни измени се етнички Албанци, вели истражувањето.

Дури 79,3% од етничките Албанци даваат поддршка на внесувањето на Бугарите во Уставот додека дури 72,4% од Македонците се против. Поддршка на уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот дава само еден од десет Македонци или 11,2% од анкетираните. Сосема различните ставови на Македонците и етничките Албанци ги комплетира податокот дека само 8,8% од етничките Албанци се против уставни измени.

Три четвртини од граѓаните велат дека се доволно информирани за тоа во што се состојат уставните измени и најголемиот дел од нив стравуваат дека тие ќе имаат негативни последици врз земјата.

Анкетата покажува дека 75,4% од анкетираните рекле дека знаат во што се состојат уставните измени наспроти само 17,3% кои рекле дека немаат информации.

60,8% од анкетираните се на ставот дека уставните измени ќе имаат негативни последици за земјава додека 19,1% не очекуваат негативни последици. И за ова прашање прилично спротивставени ставови меѓу Македонците и етничките Албанци.

Мнозинството граѓани очекуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да остане доследна и да не даде поддршка на уставните измени. Ваков став имаат 42% од анкетираните додека една четвртина или 25% очекуваат најголемата опозициска партија да го смени ставот.

Гледано по етнички групи, 45,7 од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане доследна наспроти 43,3% етнички Албанци кои очекуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти. Дека опозицијата ќе гласа за уставните измени сметаат само еден на секои пет Македонци или 19,2% додека секој трет Албанец или 33% од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните
измени.