Повеќе од 150 родители на ученици од училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград бараат учебната година да се заврши до 3 мај 2023 година, како ден кога трагичниот настан насилно ја прекина нормалната настава. Сè што се случи во училиштето по 03.05.2023 година претставува само обид за насилно враќање во „нормална“ состојба во училиштето, се вели во соопштението на родителите кои го доставија до медиумите.
Кризниот план „кој раководството на училиштето се обидува да го спроведе по секоја цена“, според родителите има единствена цел да ги прикрие последиците од трагичниот настан.
Родителите кои ја поддржуваат оваа иницијатива сметаат дека планот за продолжување на образованието кој се спроведува од 10 мај е штетен за развојот на голем број ученици (ако не и сите), а единствено решение е итен прекин на наставата и крај на работната учебна година.
„Учебната година заврши трагично на 3 мај. Секој ден потоа не е продолжение на учебната година, туку вештачко преправање дека ништо не се случило. И тоа се случи. Нашите деца беа убиени на училиште“, се вели во соопштението, пренесува Танјуг.
Како што се додава, родителите за ваквиот став добиле поддршка од еминентни стручњаци од областа на невропсихијатријата и психотерапијата.
Во прилог на соопштението има имислење на вешто лице, невропсихијатар и судски вештак д-р Зоран Ѓуриќ, кој исто така се залага децата од училиштето „Владислав Рибникар“ да ја завршат оваа учебна година во мај.
Според него масовното убиство на девет врсници и еден обезбедувач било силен стрес за учениците.
„Емоционалната клима на другарство, игра, заедничко учење, безбедност и доверба е оштетена од ова злосторство. Некои деца биле сведоци на злосторството и биле ранети, некои преживеале неповредени, некои биле на смена и слушнале истрели. Децата се истрауматизирани, затоа што директно биле сведоци на загубата на животите на своите пријатели, другите се секундарно истрауматизирани, затоа што за тоа дознале веднаш од нив. Да се доживее да бидеш ранет во вооружен напад, да бидеш сведок на смртта на драги пријатели, да дознаеш дека пријателите што ги гледаш секој ден на училиште и на друштвени собири повеќе не се живи е трауматичен настан од прв ред“, изјавил д-р. Ѓуриќ.
Оваа состојба, додава тој, претставува посттрауматска реакција на катастрофален настан.
Според неговото мислење, за да се смири и рехабилитира оваа посттрауматска реакција, неопходно е децата да не доаѓаат на училиште, на местото на злосторството, бидејќи тоа повторно ги трауматизира: им предизвикува неволни сеќавања на трауматскиот настан. (флешбекови), им го нарушува сонот и ги принудува на однесување на избегнување – мора да се држат настрана од сите места, ситуации и содржини кои на кој било начин ги потсетуваат на злосторството, тоа ги прави раздразливи и депресивни.
„Затоа, трауматизираните деца не треба да одат во училиштето каде се случило злосторството. Сега не можат да размислуваат за учење. Сега треба да зборуваат за она што го доживеале, да плачат заедно, да тагуваат и да го разберат овој страшен настан. Тие можат да се видат едни со други и со нивните професори во друг простор. Да разговараме, да слушаме објаснувања, да се тешиме. Да поминуваат време во семејството, во љубовта и мирот што тоа ги обезбедува“, се вели во мислењето на докторот.