Ако може да се градат дивоградби на централното градско подрачје кое е секогаш под лупа од граѓаните и новинарите може да замислите што се случува во другите општини, изјави градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски кој вчера гостуваше во емисијата „Трилинг“ на „ТВ24“ и зборуваше за предлог Иницијативата за конфискација на нелегално изградените објекти.
„Со една конфискација на дивоградба мислам дека секој којшто досега правел дивоградби ќе размисли неколку пати дали да отпочне пак да гради, рече Герасимовски.
Во општина Центар, додаде градоначалникот има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување на два такви поголеми објекти сумите се енормно високи, а за целосно отстранување на урнатините уште три пати повеќе. Онеспособувањето пак оценува Герасимовски не е решение затоа што објектите најчесто стануваат засолништа за бездомници.
„Ние зборуваме само за да ја оневозможиме функционалноста на објектите за што се соочуваме со големи трошоци за рушење, а тоа се околу 5,5 милиони за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Уште три пати повеќе ќе чини нивно целосно отстранување од парцелите. Доколку само ги оневозможиме и ги оставиме истите се соочуваме со поголем проблем да во истите се вселат бездомници кои прават дополнителни проблеми на населението во тој реон. Има поголем број на кражби, се палат одредени предмети кои го загадуваат воздухот и слично и поради тие причини и проблеми со кои се соочуваме бараме начин да и покрај рушењето да има начини за конфискација на одредени вакви дивоградби“, вели Герасимовски.