Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави нова мерка – 10.000 динари за секое дете до 16 години. Тој најави и зголемување на платите и пензиите, како и намалување на цената на лебот, пренесува Н1.
Српскиот претседател претходно најави превремени парламентарни избори, откако премиерката Ана Брнабиќ понуди оставка.
„Тоа им го даваме на мајките, мајките добиваат пари на сметка, регистрација од 20 август, ако имаат три деца ќе добијат 30.000 динари. Ако самохран татко се грижи за дете ќе добие пари и старателите ќе добијат пари“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека е донесена одлука за зголемување на платите во образованието.
„Од 1 септември ќе ги зголемиме платите за 5,5 отсто, а од 1 декември или 1 јануари уште 10 отсто, што е кумулативно 16 отсто“, рече Вучиќ.
Медицинските сестри и медицинските техничари, вкупно 59.128 вработени, од 1 септември ќе добијат зголемување на платите за 5,5 отсто и во декември или јануари дополнителни 10 отсто, а ќе има и други значителни зголемувања, најави Вучиќ.
Откако претседателот го објасни зголемувањето на платите во образованието и здравството, најави и зголемување на пензиите.
„Од 1 октомври приходите на пензионерите се зголемуваат за 5,5 отсто, а од 1 јануари 14,6 отсто“, најави тој.
Тој додаде дека ќе го моли ММФ да дозволи да не се зголемува цената на струјата.
„За нас е важно тоа да не влијае на зголемувањето на другите цени, за да се забрза намалувањето на инфлацијата“, рече тој и додаде дека лебот од петок ќе поевтини за три динари.