Радев пред импичмент – наредил ли да не се испорачува воена помош на Украина?

Новата бугарска влада би можела да почне постапка за отповикување на претседателот Румен Радев поради запрената испорака на оружје за Украина, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, а пренесува DW.

Неопходното двотретинско мнозинство во парламентот за тој потег веќе постои, а потоа во рок од еден месец ќе треба да се изјасни и Уставниот суд на Бугарија.

Доколку Судот пресуди дека претседателот го прекршил Уставот или извршил велепредавство, тој ќе биде отповикан.

Advertisements

Иницијативата доаѓа од поранешниот шеф на бугарската тајна служба Атанас Атанасов, кој предводи една мала прозападна партија во новата владина коалиција. Тој укажува на заклучок на парламентот од ноември 2022 година, во кој, со големо мнозинство, беше одобрена испорака на оружје за Украина.

Но, одлуката имаше една специфика: парламентарното мнозинство кое ја донесе одлуката, не беше владино мнозинство.

Во моментот на гласањето немаше избрана мнозинска влада, туку техничка, која ја именуваше претседателот Румен Радев.

Атанас Атанасов сега наведува, доколку се докаже, дека претседателот ѝ наредил на техничката влада да не ѝ ја испорачува воената помош на Украина, а со тоа се ставил над парламентот, што е повод за отповикување. Во таа насока, прво треба да се формира парламентарна истражна комисија која треба да провери дали биле спроведени одлуките на парламентот.