ВМРО-ДПМНЕ ќе ги разочара граѓаните и меѓународната заедница ако излезе од рамката – Димитар Ковачевски

Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од рамката на тоа што беше договорено и на таа прес-конференција кажано сметам дека би претставувало големо разочарување како за граѓаните тука, така и за меѓународната заедница, која навистина овој пат сака да ја види С. Македонија да го продолжи патот до европските интеграции и до 2030 година да станеме земја членка на Европската Унија, изјави премиерот Димитар Ковачевски по увидот во градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа во Богданци.

„Тоа што беше кажано на прес-конференцијата, за нас, е прифатливо. Како што гледате, и за ДУИ е прифатливо. Другите политички партии во нашата коалиција, и ЛДП, и НСДП и ДОМ, излегоа веднаш со соопштенија дека и за нив е прифатливо. Сметам дека сега треба да се оди кон имплементација на тоа што беше договорено и кажано, јавно соопштено, а не кон толкување што сакал некој да каже бидејќи тоа што беше кажано, всушност, тоа беше и разговарано“, рече премиерот Ковачевски.

Според Ковачевски, главен заклучок од лидерската средба е тоа што во ВМРО-ДПМНЕ се согласни да гласаат за уставните измени, согласни се на влез во Владата со СДСМ, а СДСМ, пак, е подготвен да отстапи за нив 50 отсто од министерските места.

Advertisements

Лидерот Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе почека уште некој ден за да добие одговор од СДСМ за предлозите што ги изнесе на лидерската средба и ако се пропушти оваа шанса ќе стане јасно дека процесот е целосно заглавен, по што единствено логично решение би биле избори.

Мицкоски вели дека СДСМ е потполно свесна за тоа што тој го понудил на лидерската средба, но, според него, се обидува да манипулира „со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови“.

„Тоа значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола Пи-Ар реторика и битка“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, целта на изнесените предлози од негова страна била „да се создаде решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија“.