Повисоки плати или затворени граници, ова е најава за предупредувачки протест в петок на вработените од Царина кои бараат за 30% зголемување на платите, како и исплата на додатокот на плата кој им следува законски.
Вработените во македонската Царина се жалат дека не добиле зголемување на платите со години нананзад, а додатокот го добиваат само на хартија. Тие предупредуваат дека рампите на граничите премини ќе останат спуштени се додека не им се исполнат барањата.
„Во петок од 12 до 12.30 часот најавен е протест во Царинската управа. Вработените во Царинската управа, веќе со години наназад имаат право на додаток од 30 отсто, но тие тој додаток не го добиваат, а министерот за финансии си обезбеди 30 отсто покачување на платата во Министерство во финансии и во други институции. Затоа решивме да направиме предупредувачки протест, да побараме исплата на додаток на плата за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто секоја година. Знаеме дека има нов директор, чекаме да дојде, чекаме прием, да видиме дали ќе нѐ сослуша. Не се откажуваме од барањето и не нѐ интересира дали има нов или стар директор“, велат од Сојузот на синдикати.
Од вчера нов директор е Стефан Богоев, поранешен градоначалник на Карпош и пратеник. Тој на функцијата со одлука на Владата беше назначен вчера.