Велешкото обвинителство отвори истрага против 61 годишен жител на с. Подлес, Градско, осомничен дека е сторител на кривичните дела убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, информира Основното јавно обвинителство.
„Ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека осомничениот може да побегне, дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци и вештаци, како и дека може да го повтори делото, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и со решение определи притвор во траење од 30 дена“, велат од Обвинителството.
Настанот се случи на 12.6.2023 година во с.Подлес, Градско кога двајцата соседи на осомничениот со цел да се приклучат на мрежната водоводна инсталација со соодветен алат започнале да извршуваат ископ на земја на десетина метри од влезната врата на осомничениот.
„Осомничениот со кого оштетените имале претходно нарушени односи откако ги забележал, дошол со полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол што неовластено го поседувал и започнал да пука кон нив. Притоа едниот оштетен бил ранет во пределот на левата надколеница, додека вториот починал на местото на настанот од здобиените прострелни рани на левата страна од стомакот и левата нога. Предметниот јавен обвинител по добиените сознанија за настанот изврши увид на местото на несреќата и издаде низа наредби потребни за расветлување на случајот“, информира Обвинителството.