Мицкоски: Бугарскиот министер за надворешни работи да дојде пред споменикот во Ваташа, да клекне и да побара прошка

Може новиот бугарски министер за надворешни работи да дојде тука пред споменикот во Ваташа, да клекне, да се извини и да побара прошка за тоа што го направил бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на 80 годишнината од убиството на 12-те младинци од Ваташа.

Тој одговари на новинарско прашање како ја коментира изјавата на Османи дека по уставните измени Бугарија повеќе нема да ја блокира Македонија.

„За да го коментирам Бујар Османи треба тој да има кредибилитет. Османи нема кредибилитет да преговара за мојот македонски идентитет и да ми кажува што мисли и како мисли Бугарија, бидејќи многу пати во минатото со своите постапки наместо како министер за надворешни работи на Македонија, каде мнозинска заедница е македонскиот народ да покаже основно и елементарно почитување, тој тоа го пропуштил и не само што го пропуштил туку и го погазил, одговори Мицкоски и порача:

Advertisements

„Јас би му советувал на Османи којшто веќе шест години е дел од оваа Влада да го советува новиот бугарски министер за надворешни работи да земе еден пример од една европска земја од еден министер за надворешни работи на една европска земја, да дојде тука на споменикот во Ваташа, да клекне, да се извини и да побара прошка за тоа што го направил бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна, тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за било каква прошка“, изјави Мицкоски и потсети  дека таков гест направил поранешниот министер за надворешни работи на Германија Вили Брант кој, клекнал и се извинил за тоа што го направиле германските фашисти во Полска.

„Може тој во име на бугарските фашисти, да дојде тука во Ваташа, да клекне и да побара прошка за тоа што го правеле Бугарите во Втората светска војна, овде во Македонија“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„На денешен ден на ѕверски начин 12 младинци се убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна и тоа е чин којшто треба сите да не обедини и чин кој никогаш не треба да го заборавиме. Јас сум свесен дека денеска голем дел од луѓето кои се активни на политичката сцена во лов на сопствена политичка кариера и ден повеќе да бидат активни во политиката подготвени се дури и ваквите моменти да ги заборават, да ги избрусат како што тоа го правеа многу пати во минатото со брусење на други хералдички знаци, но меморијата на овие луѓе никој не може да ја избруси. Таа е вечна и се пренесува од колено на колено, од генерација на генерација. Фактот е еден, а тоа е дека бугарскиот фашистички окупатор, стрелаше овде во Ваташа 12 младинци“, рече Мицкоски.