Агелер најавува нови битки во борбата со корупцијата, ќе има и други имиња на црната листа на САД

Американската амбасадорка Анџела Агелер објаснува дека во секој момент има извесен број имиња кои се разгледуваат, но дека за тој процес е потребно време затоа што се прават многу внимателни проверки пред некои лица да бидат прогласени за непожелни во САД.

Стејт Департментот, како што објавивме претходно, вчера поради вмешаност во коруптивни дејства го стави на црната листа градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, а непожелно во САД е и неговото семејство.

„За овие означувања е потребно време, се прават по многу внимателен правен процес и проверки, не се прават брзо и лесно и во секој момент има извесен број имиња кои се разгледуваат, додека правниот тим во Стејт Департмент и други тимови ги разгледуваат и проценуваат доказите. Не можам да зборувам за тајмингот на следните означувања во иднина, убедена сум дека ќе ги има, но кога ќе бидат не можам да кажам“, кажа Агелер, одговарајќи на новинарско прашање на презентацијата на новите лесни оклопни возила „Џеј-Ел-Ти-Ви“, кои се составен дел од опремата на македонската армија во Штип.

Advertisements

Што ќе се случува отсега понатаму во земјава, амбасадорката вели дека не може да зборува, ниту да им сугерира потези на правосудните органи или на владата.

„Јас сум американски амбасадор, не е мое да им сугерирам следни чекори на владата или на правосудните органи, но се надевам дека ќе продолжиме да работиме заедно во борба против корупцијата“, додаде американската амбасадорка, која во штипската касарна беше заедно со министерката за одбран Славјанка Петровска.