Јас да се најдам на листата на САД, не само што ќе дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера, изјави премиерот Димитар Ковачевски како одговор на новинарско прашање за оставка на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој се најде на црната листа на САД.
Премиерот ја повика Општина Струга да соработува со органите кои го испитуваат работењето на Мерко.
„Јас сум единствен кој одговара на ова прашање. Можеби и на други места треба да прашате за мислења. Јас го прочитав соопштението на Стејт департментот. Тоа потврдува дека САД се стратешки партнер. Самото соопштение во себе содржи основи за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга, кои се многу сериозни. Несфатливо е како САД кои се на оддалеченост од 8.000 километри од овде да имаат информации што се случувало во нашата држава, а нашите институции, од истражите и правосудните органи тие информации да ги немаат. Општина Струга треба да биде отворена за споделување на сите информации до надлежните органи и тие да бидат ефикасни“, додаде Ковачевски.