Академикот Владо Камбовски вели дека Бугарите се веќе внесени во Уставот, како заедница. Тој вели дека тропаме во веќе отворена врата, пренесе Макфакс.
„Па ние со таа иницијатива всушност за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот тропаме на отворена врата, бидејќи тие се внесени во Уставот како заедница затоа што во Преамбулата постои генерална клаузула која зборува за други народи, односно заедници. А во посебните одредби што се однесуваат на правата на припадниците на заедницата, постои потполна изедначеност на сите заедници било тие да се признати или не се признати“ рече академикот Камбовски.
Тој нагласи дека сега е потребен дијалог, во кој ќе провладеат разумни аргументи.
„Не можеме во периодов да се водиме од страсти или стравувања, околу едно прашање кое не заслужува да предизвика таква бура во чувствата на луѓето, рече академикот Камбовски, за уставните измени.
Според Камбовски и меѓународните конвенции поаѓаат од ставот дека една заедница, национална, етничка, религиозна, која и да е, постои со самото свое постоење без оглед дали е призната формално или не е призната во Уставот или во другите акти на државата, бидејќи се работи за колективни права.
Тој порача дека низ еден разумен, трезвен дијалог без политички калкулации, без манипулирање, без непотребен популизам, треба малку да се слуша мудриот глас на научната јавност.
„И нека се дебатира со аргументи во однос на сите одбрани исклучителни прашања за кои сакаме да дебатираме со аргументи, без некакво политикантство или калкулации што тоа ќе значи за една партија, за друга партија, туку поаѓајќи од еден општ интерес и на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија“, рече Камбовски.