МНР обвини дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини, но не демантира дека внукот на Ахмети се вдомил во амбасадата во Брисел

Министерството за надворешни работи (МНР) реагира на како што вели, невистините пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, според кои кои не само што имаат тенденциозна намера да ѝ нанесат штета на дипломатијата, туку покажуваат и елементарно непознавање на законските надлежности како и уредбите дефинирани во правилниците за работа на дипломатијата.

ВМРО-ДПМНЕ, како што објавивме претходно, тврди дека внукот на Ахмети во мај лани бил вработен во Министерството за економија како помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали, а 10 месеци подоцна (16 март 2023 г.) е именуван за прв секретар во амбасадата во Брисел откако претходно, преку интерен оглас работното место од Економија го заменил со тоа во МНР.

Надлежните информираат дека согласно законските прописи, како економски советници, покрај дипломатите вработени во Министерството за надворешни работи, а на барање на останатите економски ресори, се испраќаат и вработени во другите министерства, како што е Министерството за економија, Министерството за земјоделие итн.; при што законски е утврдено дека во овој случај економските советници се испраќаат со дипломатско звање – прв секретар.

Advertisements

„Дозволете повторно да реагираме на невистините пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои не само што имаат тенденциозна намера да ѝ нанесат штета на дипломатијата, туку покажуваат и елементарно непознавање на законските надлежности како и уредбите дефинирани во правилниците за работа на дипломатијата“, велат од ресорното Министерство.

Во реакцијата МНР не негира дека внукот на Ахмети станал прв секретар во нашата амбасада во Брисел, туку она што го демантираат е процедурата како се доаѓа до дипломатското звање „прв секретар“.

ВМРО-ДПМНЕ стана фабрика за лажни вести, велат од Министерството за надворешни работи (МНР) откако од опозициската партија објавија дека Бесиан Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред три месеци е именуван за прв секретар во македонската амбасада во Брисел откако претходно преку интерен оглас го заменил работното место од Министерството за економија со друго во МНР.

„Согласно член 68-а став 1 од Законот за надворешни работи врз основа на писмена спогодба Министерството и институции од јавниот сектор за вработените од членот 14 став 1 група II од Законот за вработените во јавниот сектор и за вработени кои работат на економски активности за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, по спроведена постапка за избор, а по претходно објавен интерен конкурс во институцијата во која лицето е вработено, министерот за надворешни работи може да упати во дипломатско-конзуларно претставништва вработен кој ги исполнува условите од истоимениот член“, објаснуваат од МНР.

Од Министерството додаваат дека економската димензија на дипломатијата е тесно поврзана со работата на економските ресори во Владата, како што се прашањата поврзани со условите за водење бизнис, бенефициите за странските инвеститори, развојните планови на Владата, потенцијалните региони за бизнис во различните сектори итн. Оттука, нагласува МНР, логично е Министерството за надворешни работи да се потпира на кандидатите кои низ конкурс ги предложиле економските ресори во Владата.