„Не станува збор за никакво мешање во нашите внатрешни работи, оти секој амбасадор има легитимно право и обврска да си ги штити интересите на својата земја“, вели претседателот Стево Пендаровски, а во врска со вчерашната реакција од австриската амбасада во Скопје дека фирма од Австрија не може да наплати 4,5 милиони евра долг од семејството Заеви.
„И нашите амбасадори кои ја претставуваат нашата држава во странство имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на нашите граѓани во странство, а не само на институциите. Го следам случајот и слушнав коментари дека австрискиот амбасадор наводно се меша во нашите внатрешни работи. Но, тука не станува збор за никакво мешање во нашите внатрешни работи оти секој амбасадор има легитимно право и обврска да си ги штити интересите на својата земја. Вчера видовме реакција и од поранешниот премиер Зоран Заев, кој упати на институционална разврска, па очекувам македонските институции да утврдат дали навистина имало непочитување на меѓународна арбитража“, рече Пендаровски.
Заев преку допис до медиумите вчера најави дека ќе го тужи австрискиот амбасадор Вуцас ако уште еднаш го спомене неговото име во негативна конотација.
„Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија. Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија“, стои во реакцијата на Заев.