Ковачевски тврди дека нема да има други условувања на патот кон ЕУ

Не постојат дополнителни услови во преговарачката рамка за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски денеска во Берлин.

Неговата изјава доаѓа по синоќешната прес-конференција што ја имаше со германскиот канцелар Олаф Шолц, а на која канцеларот рече дека тој гарантира оти не треба да има нови условувања за Македонија на патот кон ЕУ.

Тој од Германија посочи дека секој може да даде само забелешки на реформите, а за малцинските права вели дека се уредени на врвно ниво.

Advertisements

Ковачевски прашан за тоа дали Шолц му кажал кои се гаранциите што тој ги дава, не давајќи конкретен одговор, рече дека на самит на ЕУ се постигнува консензус помеѓу сите 27 земји членки и преговарачката рамка е резултат токму на таков консензус.

Пораката на германскиот канцелар Шолц, според Ковачевски, била исклучително јасна дека Германија останува еден од најпосветените партнери, кој им дава најголема и најсилна поддршка на земјите од Западен Балкан.

„Преговарачка рамка има многу јасни одредби, а тоа е дека на 19 јули ќе биде одржана првата меѓувладина конференција, дека ќе биде потпишан договорот за Фронтекс, дека втората меѓувладина конференција ќе биде одржана без никаква дополнителна одлука по спроведувањето на уставните измени и завршувањето на скрининг-процесот. Германскиот канцелар ги повтори тие гаранции кои веќе стојат во преговарачката рамка. Други услови не може да има во преговарачката рамка и затоа она што ЕУ требаше да го направи, го направи. Она што ние треба да го направиме верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи кои следуваат“, изјави Ковачевски.

Toj објасни дека во процесот на преговарање секоја земја членка може да даде забелешки за начинот на спроведување на реформите.

За историските прашања – ќе одлучува историската комисија.

„Има историска комисија, која носи свои одлуки, што на реципрочна основа се имплементираат. Тие не влијаат на процесот на интеграција во ЕУ. Во однос на малцинските прашања, ние се гордееме бидејќи ако ги споредите нашето законодавство и начинот на кои се уредени малцинските права – не постои земја во која се уредени на овој начин. Тоа е уредено на врвно ниво“, додаде Ковачевски.